Рим, градот на светлината, културата и историјата беше домаќин на два извонредни концерти на дел од тимот на ПИЈАНО ФОРТЕ.

Особена чест ни претставуваше гостувањето на Музичкиот Фестивал на Нациите во Рим. Музичарите изведувачи а воедно и наставници во ПИЈАНО ФОРТЕ заедно со ученици наградувани на повеќе меѓународни натпревари, одржаа два целовечерни концерти во Театро Марчело во Кампители.
Подготовките за овие концерти овозможија блиска професионална соработка на нашите наставници кои и покрај наставата со учениците неуморно му се посветија на вежбањето и музицирањето. Бројните проби пред публика во камерната сала на ПИЈАНО ФОРТЕ послужија за промоција на проектот и идејата за културно претставување на современата светска и македонска музика во Рим пред соработници и поддржувачи на класичната и современа музика. Тоа претставува дополнителна мотивација и подстрек за целото училиште. Всушност секогаш е најдобро да се влијае со личен пример.

На концертите, уметниците го претставија своето високо професионално изведувачко ниво во кое беше вткаен нивниот персонален израз и извонредна интерпретација. Најмладите настапувачи пак, вдахновени од професионализмот на возрасните, го дадоа својот максимум и успеаја да внесат посебна свежина на целиот настан. Да се искуси гостување на еден ваков престижен фестивал, во срцето на вечниот град, претставува огромно искуство за нашите ученици.
Во прекрасниот амбиент на Театро Марчело, концертите беа дочекани со искрено воодушевување од страна на публиката и менаџментот на фестивалот. Во тој контекст би споменале некои од коментарите од публиката: „Ние сме од В. Британија, во Рим сме на симпозиум. Имавме голема среќа што ни се пружи можноста да присуствуваме на овој прекрасен настан“, „Настапот на вашата ученичка ме допре во срцето“.

 

Review-of-PIANO-FORTEs-visit-to-Rome

 

ПИЈАНО ФОРТЕ силно ги поддржува музичарите изведувачи во својот тим и воедно ги поттикнува постојано да ја негуваат концертната дејност. Таа пак на наставниот кадар му дава поголем квалитет во изведувањето на наставата. Постојаното вежбање и усовршување на избраните композиции, го крепи духот и го подига моралот кај уметникот. Ова ние педагозите не смееме да го заборавиме, бидејќи тоа влијае на образовниот процес во целост. Затоа, концертните гостувања на возрасните уметници и нивните ученици стануваат дел од нашиот курикулум. Учениците уште од најрана возраст се запознаваат со изведувачката дејност на професионално ниво. Процесот низ кој поминуваат за да стигнат до настапувачка завршница е проткаен со многу труд, фокусираност и дисциплина и истиот дава резултати во сите сфери во развојот на една млада личност.

 

Нашата цел е да им помогнеме на идните генерации да го откријат својот талент и способност и тоа да го негуваат. Некои од нив ќе станат професионални уметници, а други пак љубители на убавата музика. Впрочем тоа е и целта на постоењето на ПИЈАНО ФОРТЕ, со нашето музицирање да внесуваме убавина и надеж во животите на луѓето.
Во најблиска иднина се планираат уште вакви настани, соработки помеѓу наставничкиот колектив и учениците, и кај нас и во странство. Со огромна возбуда ги очекуваме следните гостувања во Р.Словенија, во новата учебна 2023/24 година.

 

 

Review-of-PIANO-FORTEs-visit-to-Rome_2