Сезона на натпревари за „Пијанофорте“– какво е значењето на освоената награда?

 

Во „Пијанофорте“пролетните месеци се најзабавниот и најуспешниот период од целата учебна година. Одделот по пијано работи неуморно. Се одржуваат дополнителни часови, проби, преслушувања, мини семинари и безброј настапи. Разултатот од оваа атмосфера, на големо задоволство и на професорите и на учениците, се многубројните први и високи втори награди на меѓународни и високо реномирани натпревари.

Атмосферата на натпревари ќе потрае уште некое време, овој пат кај виолинистите и кај учениците од одделот за популарни жанрови, жаргонски кажано „бендовите“!

Е сега, тука се поставува прашањето за значењето на натпреварите. Дали натпреварувањето е дел од музичкиот развој, или тоа ја претставува самата цел?

Изучувањето музички инструмент е долготраен процес кој минува низ повеќе етапи на патот до поставената долгорочна цел. Во текот на наставата секој ученик со помош и водство на  наставникот по инструмент се соочува со технички и интерпретациски проблеми кои се решаваат заеднички на час, а се утврдуваат преку дисциплинирано „домашно вежбање“.

И што е она што следи кога ќе се совлада едно дело? Логичниот одговор е излегување од училницата за индивидуална настава и споделување на музиката со општеството.

Дел од програмата на „Пијанофорте“е развивањете на социјалните особини на учениците. Притоа се организираат активности во форма на летни кампови, оркестарски работилници, добротворни настапи, јавни часови, концерти, настапи со ученици по музика од други земји, и секако, учество на натпревари.

Сите овие активности од учесниците бараат специфични особини и задачи. Натпреварот во својата суштина има најмногу барања. Еден учесник на натпревар по музика се карактеризира со трпение, издржливост, верба и посветеност. Со растењето на детето, растат и очекувањата за напредок во техниката, во материјалот што го свири и во стилот на изведба.

А што всушност се случува на натпреварите по музика? Како пример ќе ја разгледаме најпопуларната форма – Меѓународен фестивал со натпреварувачки карактер. Најчесто, тоа се фестивали од отворен тип каде што на учесниците им се нуди можност да настапат во натпреварувачки или во ревијален дел. Во рамките на фестивалите може да има и семинар за одреден инструмент. Се доделуваат награди во форма на рангирање на изведбата, но има и посебни награди за одреден композитор, домашен автор или за нешто друго актуелно во таа конкретна календарска година. Советите и коментарите од жири-комисијата се од непроценливо значење за изведувачот-ученик, но и за педагогот! Сето ова му дава дополнителна едукативна нота на фестивалот.

Често пати, на истите фестивали во континуитет од повеќе години учествуваат истите деца-ученици од различни градови и држави што е одлична можност за следење на динамиката на напредок како и извор на информации и инспирација за новите очекувања во иднина.

Исто така, преку учество на натпревар се додава поголема тежина на музичката биографија, се гради мрежа на идни соработници, се стекнува подобар увид во актуелните музички текови преку следење на репертоарот, се анализираат и вреднуваат различни видови на изведба, а тука е и можноста за добивање награда.

 

Се случува еден ученик да учествува на неколку натпревари во сезоната, честопати со истата музичка програма. Ова пак овозможува тој да согледа дека една иста композиција не ја отсвирува идентично како на претходниот настап! Градењето и доградувањето на настапот остава силен печат кај ученикот. Тој ја разбира суштината на темелна работа, дознава дека иако нешто на прв поглед може да изгледа научено и завршено, истото тоа може да се надополнува и усовршува.

Постојат ученици кои на натпреварите гледаат како на одлична мотивациска алатка која ја засилува дозата на дисциплина, соработката со својот наставник – ментор како и визијата каде тие сакаат да стигнат во својот однос кон музиката. Сето ова станува дел од нивниот животен мозаик без оглед дали тие во иднина општествено ќе се позиционираат како музичари или не. Она што секако ќе се добие како резултат на претходно опишаните процеси е развиена, општествено одговорна, високо интелектуална и креативна личност.

Професор по виолина, оркестар и ран музички развој

д-р Тереза Крцоска