Како да се избере вистинска активност

 

Живееме во време кога секојдневно добиваме огромен број информации од најразличен карактер од кои за жал, повеќето немаат никаква важност, ниту пак ни го подобруваат животот на некој начин. Во ова море од податоци често пати и не го знаеме изворот на податокот и со самото тоа и не знаеме дали одреден податок е точен или не. За жал, сите сме ефект на оваа ситуација и сите овие информации ни предизвикуваат конфузија, но најмногу афектирани се младите родители и децата. Кај младите родители се пројавува тренд-(се разбира сакајќи да направат најдобро за своите деца) да ги водат на разни активности, мислејќи дека ако децата пробаат повеќе работи, ќе го пронајдат својот талент или природен афинитет.

Работејќи со деца, секојдневно го гледам резултатот од овој тренд. Децата се преуморни, збунети, дисперзирани и со недостаток на внимание. Децата го знаат својот афинитет и многу често го покажуваат, но родителите треба внимателно да набљудуваат. Дете кое сака музика често ќе потпевнува, ќе сака да слуша музика и ќе танцува. Таквото дете треба да учи да свири на инструмент. Но, ако детето е преоптоварено со вишок активности, ќе стане збунето и ќе почне да покажува неволност за било што.

Набљудувајте ги вашите деца и ќе знаете каде да ги насочите за да бидат среќни и успешни.

 

Професор по пијано

Виолета Стефановска Шуковиќ .