Водач во образовните процеси, музичкото училиште „Пијанофорте“ од Скопје веќе 22 години успешно го збогатува образованието на многу деца и младинци. 
Приказната на „Пијанофорте“ започнува пред две децении според визијата на нејзините основачи и сопственички г-ѓа Марина Чадо, професорка по виолина и извршен директор и г-ѓа Виолета Стефановска-Шуковиќ, професорка по пијано и академски директор во училиштето.
Формирано во 2000-та година, „Пијанофорте“ ги следи меѓународните трендови во поглед на просторните, кадровските и програмските параметри на музичкото образование. Оваа образовна институција и понатаму останува доследна на своите практики со кои ќе ги насочат идните генерации на напредок во образовниот систем. „Нашата животна мисија и цел е да се овозможи највисок квалитет на музичка настава!“

Денес во „Пијанофорте“ се образоваат над 180 ученици кои посетуваат класично музичко образование по инструментите: пијано, виолина, класична гитара, флејта, харфа, теоретско- музички предмети, како и во Одделот за популарни жанрови каде што се изучуваат: ударни инструменти,електрична гитара и естрадно пеење. Во сите програми што се дел од понудата се применуваат најсовремените музичко-педагошки методи, се користи специфична технологија за учење и се поттикнува групното музицирање. Без оглед на фактот дали ученикот е почетник или искусен музичар кој сака да се усоврши, образовната програма на „Пијанофорте“ може да му помогне да ја постигне својата цел!

Наставната програма се одвива во:

  • Просториите на училиштето; и
  • Онлајн во живо.

Програмата на „Пијанофорте“ ја предаваат повеќе од 20 еминентни професори, квалификувани професионалци од областа на музиката, дипломирани музичари, магистри и доктори на науки. Нашите професори ќе ве подучат на основите, како што се: читање музика, соодветна техника и ритам и изучување на композиции, притоа инкорпорирајќи ги музичките стилови кои вие сакате да ги изведувате. Секоја возраст е добредојдена да изучува музика! Од ран музички развој, преку деца од предучилишна и училишта возраст, сè до возрасните и постарите, никогаш не е премногу доцна, а ни премногу рано за да започнете!

 Упорноста и трудољубивоста на целокупниот тим даваат резултат кој се гледа во нагорниот развој кај идните, но и кај сегашните креатори на нашето општество.
Наши ученици во изминативе години учествуваа и земаа високи награди на престижни фестивали и натпревари во: Италија, Белгија, Словенија, Србија и Косово. Онлајн-натпреварите беа практика и во минатото, а веќе во 2020 станаа стандард, па наши ученици се здобија со повеќе први награди, соодветни на возраста и на инструментот, на меѓународни онлајн-натпревари во Србија и Украина.

Гордоста од успесите на голем број меѓународни натпревари од изминатите години дава дополнителна мотивација за постојана будност и следење на музичките текови во светски рамки. Наградите на фестивалите во земјава и во странство се показател дека методологијата што ја применуваат професорите е квалитетна и дава резултат. Иако реалноста досега била таква што учениците на „Пијанофорте“ ги освојувале највисоките награди, сепак кај учениците и понатаму избегнуваме да градиме култ кон наградите. Сакаме да уживаат во настапот, во подготовките за него, да се дружат со децата кои се натпреваруваат со нив и да ги слушаат нивните настапи за да изградат визија за опкружувањето, за сопствените достигнувања и за наредните цели.

Водени од мислата дека успехот треба да се сподели, ансамблите на „Пијанофорте“ се дел од настаните за помош на општеството. За таа цел, како посебна секција е формирана Музичката работилница проследена со детски концерт, наречена „По патот на музиката.“ Работилницата е омилен дел од манифестациите од отворен карактер, како што се: „Скопски цветен фестивал,“ „По часови,“ „Флеш-моб за Охридско лето 2019,“ „Меѓународен добротворен базар за Денот на детето,“ „Фестивал на чајот“ и „Back to School – Capitol Mall,“ а над сè, тука се волонтерските работилници во дел од основните музички училишта на Општините на Град Скопје, на кои ученици од прво до трето одделение на часовите по музичко образование, покрај Орфовите инструменти, го искусија и првиот жив контакт со инструментите: виолина, гитара и флејта.

Во „Пијанофорте“ додаваме вредност во живеењето на секој оној што ќе го заврши музичкото образование кај нас. Стекнатата вештина да го спојат физичкото движење со надматеријалното (во што спаѓа музиката) дава можност за поинаква перцепција на животните проекти во кои децата ќе се впуштат во иднина. Се разбира, животот генерално е полн со предизвици и тие нема да бидат поштедени од нив, но ние сме, барем, сигурни дека сме им помогнале преку нашата методологија на подучување секогаш кај себе да пронајдат прозорец зад чија завеса се крие задоволството од креирање музика. А тоа е нешто што останува во нивна трајна сопственост и никој не може да им го земе.