Violeta Stefanovska- Shukovikj

Во процесот на надминување на тешкотиите, предизвиците и бариерите во животот лежи чувството на среќа и успех кај секој човек. Таа упорност и истрајност да се надмине одредена тешкотија се учи уште од мали нозе, а е многу видлива во изучувањето на вештината да се свири било кој инструмент.

Како долгогодишен педагог по пијано, се соочувам со предизвикот да му покажам на едно дете дека не постои ништо што не може да се совлада со доволно труд и истрајност. Вообичаено, при првата бариера во свирењето, поголем број од децата велат „не можам“. Големината на добриот педагог е да најде начин да му покаже на детето дека МОЖЕ – секој пат и без исклучок со малку повеќе труд и упорност. Најголем подарок за мене е кога ќе видам широка насмевка на лицето кај детето во моментот кога ќе сфати дека може да одлучи, совлада и отсвири нешто што малку пред тоа било тешко и проблематично. На тој начин секое дете кое свири на инструмент го подучуваме и за животот и постепено го трасираме неговиот пат до успехот.

Затоа упатувам порака до родителите – кога ќе слушнете од мало дете „Не сакам веќе да свирам“, а до вчера било ентузијастично за инструментот што го изучува, знајте дека наишло на бариера која треба да се надмине со здружени сили помеѓу вас и наставникот. Не „го купувајте тоа „не сакам веќе“ и не му ,,помагајте” со тоа што ќе му дозволите да се откаже. Помогнете му да надмине, да стане појака личност и да истрае зашто единствено така ќе има можност да стане успешен и задоволен човек.

Професор по пијано

Виолета Стефановска Шуковиќ