ПИЈАНОФОРТЕ НА МУЗИЧКИОТ КАМП „Рамо до рамо“ од  „Ел Система“, Шведска (Side by Side by El Sistema, Sweden)

Импресиите од музичкиот камп „Рамо до рамо“ трајно остануваат кај учесниците, ученици по музика. Магијата го допре и ПИЈАНО ФОРТЕ пред пет години, кога во текот на својот престој во Македонија импресиите ни ги пренесе виолинистка од Шведска, наша ученичка во тој период. Оваа година одлучивме и ние да го посетиме кампот, заедно со нашиот млад виолинист Петар, па летото заедно го започнавме со активен одмор!

ШТО Е „РАМО ДО РАМО“?
Рамо до рамо – Ел Система (Side by Side by El Sistema https://www.sidebysidegoteborg.com/) е меѓународен камп за оркестар и хор, организиран од Гетеборшката филхармонија, а поддржан од Градот Гетеборг и бројни локални институции кои гордо го спонзорираат настанот. Со својот раст од десет години, тој е веќе влезен во агендата на младите музичари на возраст од 6-23 години, пред сè од Шведска и околината, но и од членови на програмите инспирирани од Ел Система ширум светот. Тие заедно вежбаат и настапуваат во Концертните сали на Гетеборг.

ИМПРЕСИИ
Настрана од нашето професионално видување, импресиите ги споделија и родителите на деветгодишниот Петар кој храбро и самоуверено годинава за прв пат појде во оваа музичка авантура. Тие гордо го следеа Петар на сите проби и збиднувања и од прва рака ќе ни го пренесат она што го видоа и доживеаја.
„Откако ,Рамо до рамо’ ќе ја прифатат апликацијата, Ве известуваат во кој оркестар или ансамбл е учесникот и му испраќаат ноти од делата кои треба да се спремат во соработка со ценетите професори на ПИЈАНО ФОРТЕ. Во кампот учесниците се делат на:
– инструменталисти кои се распоредени во различни оркестри согласно возраста и инструментот, односно стилот на музика кој го свират и
– вокали со учество во хоровите.
Пробите се изведуваат во мали групи од по 15-20 инструменталисти, а потоа се соединува целиот оркестар за одржување на заедничка проба, и така наизменично.
Пробите ги одржуваат реномирани професори/диригенти од целиот свет кои успеваат да им го задржат вниманието, особено на помалите учесници. Пробите се одржуваат во пријатна атмосфера, сите ичесници облечени во исти маички (особено е рај за очи и уши на тие што ги придружуваат децата на пробите, јас комплетно уживав, а Тереза навиваше во себе дека оркестарот со секоја следна проба ќе биде помилозвучен 😊 ). За време на пробите професорите и диригентите создадоа атмосфера дека сите деца иако се различни и доаѓаат од разни делови на светот (Македонија, САД, Шпанија, Молдавија, Романија, Грција, Германија), дека се дојдени да бидат едно во оркестарот и се добредојдени во Гетеборг да бидат дел од Side by Side. Голем дел од учесниците од Шведска со години ја негуваат желбата да бидат дел од Side by Side и со гордост ги носат и маичките со боите од пертходните учества.
Самите проби се всушност предавања од диригентот кој на едноставен начин им објаснува на дечињата што значат неговите движења, како да свират, како да го следат. И тие мали прекрасни умови сè си помнеа!
Летниот камп завршува со концерти на кои учествуваат сите оркестри и хорови наизменично, а за некои композиции и заедно, пред пријатната шведска и интернационална публика која не штеди на аплаузи за малите и големита генијалци.
Пријавувањето започнува во месец ноември, а информација за прифатената пријава во месец јануари. Наредниот Side by Side камп ќе се одржи од 15-19 јуни 2024.
Се надевам на многубројна заинтересираност и учество за следната година, за да си поминеме најмузички и најдругарски“ – Елена