Виолета Стефановска-Шуковиќ и Марина Чадо: музичари, педагози и бизнис жени со успешна интернационална кариера. Со нас ја споделија нивната успешна приказна.

Ако успехот го дефинираме како успешно достигната цел, целта нека е чиста, благородна и висока. Доколку искрено се верува во големината на целта, ќе се изнајде начин таа и да се достигне. Кога се нештата вака поставени во животот, патот до успехот е лесен.

Нашите соговорнички уште пред заеднички да го развијат музичкото училиште ПИЈАНОФОРТЕ, зад себе веќе имаа повеќе приказни за успешно постигнатите цели – на личен план, на професионален, а секако и на бизнис план. Секој пат се посветени на она што го прават, а го работат со љубов и силна верба.

За нив центарот на светот е детето. Преку музичката едукација може да се постигнат чуда на социо-емоционално поле. Секако, исправната техника и музичка интерпретација се подразбираат. Исправната техника му дава на детето можност за слободно изразување на музичката и емотивната мисла. Па така, најупорните веќе редовно настапуваат на меѓународни натпревари и освојуваат високи награди.

Само од почетокот на пандемијата, па до сега, десет ученика од ова училиште се закитија со награди од вкупно седум различни натпревари, во земјава и во странство, во присуство на интернационални жири комисии.

Овие последни успеси се резултат на нивната непоколебливост да се биде прогресивен и уникатен. Така, нив не ги поколеба ниту новата реалност на далечинско учење, па сиве овие успеси се постигнати во период на изолација и доминантно онлајн настава. Кога државата, па и светот се соочи со длабока здравствена и духовна криза, тие направија напори да бидат современи и повторно да бидат успешни, а децата и нивните семејства – среќни и духовно исполнети.

Длабоко свесни дека постојаната работата на себе е клучна за успехот, тие животот го поминуваат во постојана обука и надградба. Додека првичниот период на градење на кариерата им беше посветен на професионалниот развој, најнапред како музичари-изведувачи, а потоа и како музички педагози, тие се сега посветени на развивање на меките вештини, како што се организациски способности, водење на тим, меѓучовечки односи и решавање конфликти… сè што е неопходно за водење на една исклучително квалитетна музичко-образовна институција како што е ПИЈАНОФОРТЕ. Она што за некого е летен или зимски распуст, за нив е можност за професионално или едукативно патување. Атина, Лондон, Москва, Љубљана, Куала Лумпур и Сиднеј за нив се едукативни дестинации. Тоа се точките во светот кои се обединети во приказната наречена „успешно бизнис дуо Виолета-Марина.“

Денес, посветени кон пошироко општествено влијание, при менаџирањето на училиштето тие пред сè демонстрираат широк дијапазон на хуманите квалитети. За вистински успех го сметаат тоа што високите резултати на нивните ученици и на целиот наставен кадар се постигнати во една позитивна, топла атмосфера.