Интервју со Ана Манчева, лауреат на музичкото училиште ПИЈАНОФОРТЕ

ПИЈАНОФОРТЕ ѝ е познато на македонската јавност по успесите на своите ученици. Тоа е резултат на перманентното следење и примена на меѓународните трендови во поглед на просторните, кадровските и програмските параметри на музичкото образование, веќе цели дваесет години.

Поразговаравме со младата пијанистка Ана Манчева, која свири пијано од својата 5-та година. Таа била најмладиот ученик по пијано кога се запишала во музичкото училиште ПИЈАНОФОРТЕ, но со голема желба за свирење. Лесно учела и брзо напредувала. Набрзо следувале натпревари, каде освојувала награди.

Ја издвојуваме како пијанистка на ПИЈАНОФОРТЕ со најмногу освоени високи награди на меѓународните натпревари во текот на само едно полугодие.
– високо прво место на ПИЈАНОФЕСТ 2020, Битола (со највисок резултат од македонските натпреварувачи од нејзината категорија)
– Втора награда на меѓународниот натпревар во Шпанија Franz Liszt Center Piano Competition  2021
– Трето место на натпреварот во Малезија, Persatuan Chopin Malaysia – Chopin Society 2020

1. Имаш освоено многу награди со кои може да се пофалиш, но и бројни концертни настапи. На што се радуваш повеќе: на концертите, или на натпреварите?
Мене ми е најбитно да свирам, без разлика дали тоа е на некој натпревар или на концерт. Највеќе ме радува аплаузот на публиката. Кога ќе слушнам како публиката аплаудира навистина сум среќна и исполнета.

2. Кога ја засака музиката?
Уште како многу мала сакав да пејам и да танцувам. Растев со песните од детските фестивали. Потоа, кога имав 4 години, мојот татко ми подари детска играчка „синтисајзер“ на којашто свирев буквално по цели денови. Од тогаш знаев дека сакам да станам пијанист.

3. Како се чувствуваш после волку освоени награди?
Секоја награда ми е драга, ги сакам подеднакво сите. А, после секој успешен натпревар добивам уште поголема желба за свирење, за учење на нови посложени музички композиции.

4. Дали вежбањето ти прави задоволство?
Да, многу. Вежбам секој ден по неколку часа, без исклучок. Но, кога се работи со љубов ништо не е тешко.

5. На што прво помислуваш кога ќе го видиш дома своетопијано?
Пијаното е дел од мене. Едноставно кога ќе го видам, седнувам, свирам и уживам во нотите.

6. Дали твоето семејство сака да те слуша кога вежбаш?
Моето семејство е мојата најверна публика, мојата најголема поддршка. Тие се секогаш со мене и додека вежбам и кога имам настапи. Им благодарам што ми овозможија да си ја остварам мојата најголема желба – да свирам пијано.

7. Кои ти се следните планови?
Моите планови се да се усовршувам како пијанист. Еден ден сакам професионално да го работам тоа и да свирам на најдобрите светски сцени. Но, најнапред сакам што побрзо да заврши пандемијата и повторно да настапувам во полни сали и да го слушам аплаузот на публиката.

Ана Манчева е пример на дете со силна воља да го достигне она што го посакува. Од „играчка синтисајзер“, до концертно пијанот: за неа играта на клавијатурата е забава, а аплаузот после настап огромна детска радост. Во ПИЈАНОФОРТЕ таа најде професори кои максимално ја поддржуваат и водат кон патот на концертен пијанист. Тие со радост гледаат како од рацете на Ана се ствара висока уметност со детска чистина.
Ѝ посакуваме уште многу светли моменти во блескави настапи.