Пеењето е акт за производство на музички звуци со гласот, го проширува обичниот говор со употреба на тоналитет и ритам. Човекот што пее се вика пејач или вокалист. Пејачите изведуваат музика позната како песни, кои можат или да се отпеат а капела (без придружба) или придружени од музичари и инструменти, почнувајќи од еден инструменталист, па сè до комплетен симфониски оркестар. Може да се пее во група со други музичари, како, на пример, во хор со пејачи кои имаат различни вокални дијапазони, или во ансамбл со инструменталисти, како, на пример, во рок-група или во барокен ансамбл.