Кристина Ангелова – професор по пијано и асистент во одделот за популарни жанрови

Кристина Ангелова е дипломец на Факултетот за музичка уметност во Скопје, Отсек за пијано. Има завршено дополнителни образовни програми и посетувано специјалистички обуки кај еминентни професори и педагози. Бележи настапи како солист и во камерни состави во рамките на различни фестивали и натпревари од меѓународен карактер. Зад себе има повеќе солистички концерти како гостин солист, но и во камерни состави, а како посебен настап се издвојува завршниот концерт на „Штипско лето“. Членува во Европското здружение на пијано педагози ‒ ЕПТА.
Во „Пијанофорте“ доаѓа во 2011 година, кон крајот на своите студии и својата педагошка дејност ја започнува како асистент на проф. Виолета Стефановска- Шуковиќ. Додека, сѐ уште, е дел од образовниот процес, таа комплетно ја усвојува и ја усовршува спецификата на методологијата на работа како професор по пијано во „Пијанофорте“ и подоцна кога како дипломиран пијанист започнува со самостојно образовање ученици. Постојано посетува обуки и семинари во правец на подобрување на својот профил како педагог. Резултат од нејзината работа се мноштвото ученици кои се добитници на високи први награди на различни меѓународни пијанистички натпревари во земјава и надвор од неа. Од 2017 година е вклучена како асистент во Одделот за популарни жанрови. Наставата ја пренесува на македонски и на англиски јазик.