Екипата професори и ученици од „Пијанофорте“ ги здружија силите во заеднички музички проект што, здравје, за некој месец ќе ги однесе на музичко патување во вечниот град Рим. Во Рим секоја година во текот на сите летни месеци се одвива летен музички фестивал, каде што музичари од многу земји имаат отворени порти да дојдат и пред италијанската публика да се искажат преку своите музички изведби. Станува збор за Летниот фестивал „Концерти на Темпието – МУЗИЧКИ ФЕСТИВАЛ НА НАЦИИТЕ“  – Рим, чија филозофија и традиција беше сфатена како убав предизвик за работа и голема мотивација да се сработат музички дела од различни епохи. А најголемото освежување е што освен професорите од „Пијанофорте“, веќе докажани на сцена, ќе настапуваат и ученици од училиштето за кои овој настан ќе значи огромен скок во однос на настапувањето пред публика од отворен карактер и ќе ги прошири нивните хоризонти и искуства во светот на музиката.

Еволуција преку негување на традицијата – оваа мисла спонтано се има вградено како концепт при работата на музичките педагози и членови на ансамблот „Пијанофорте“. Како мисла водилка, таа се огледува и во секој сегмент на овој проект: како при изборот на репертоарот, така и со чинот да бидат поканети избрани млади музичари-ученици кои ќе дебитираат пред италијанската публика како гости на концертите.

Членството на ансамблот брои повеќедецениски етаблирани музичари, млади музичари и музички педагози – друштво чија идеја резултира со свеж пристап кон традицијата. Ансамблот сам по себе со својот мешовит состав  ги фузира знаењата и емоциите на три генерации музичари.Така се оформил и репертоарот за концертите во Рим. Секоја композиција е приказ на своето време. Таа со себе ја носи традицијата во која ги вткајува резултатите на сопствената еволуција. Согледувајќи дека музиката е одраз на времето – приказ на стилот на живот и емоциите, „Пијанофорте“ ги конципира овие концерти како музички приказ на минатото низ призмата на сегашноста. Програмата ги фузира старото со новото, траурното со веселото и фолклорното со уметничкото.

Ова се дел од композиторите чии ремек-дела, или делови од нив, ансамблот „Пијанофорте“ ќе ги прикаже во Рим: Светиев, Игудесман, Џу, Лигети, Прокофјев, Московски, Моцарт…

За овој МУЗИЧКИ ПРИКАЗ, ансамблот „Пијанофорте“ одбрал музички да се икаже преку солистички и камерни композиции – современи, популарни класици и иновативни аранжмани кои фузираат навидум неспоиви композиции. Дела, од чии изведби музичарите – членови на ансамблот во даден момент од кариерата биле импресионирани и со тоа мотивирани да ги прикажат на пошироката публика. Нивниот приказ во рамките на циклусот од два концерти во Рим има за цел на италијанската публика да ѝ ги прикаже тековите на музичкиот живот во Р. Северна Македонија. Концертите претпремиерно ќе бидат прикажани и пред домашната публика.

Инаку „Пијанофорте“ ја ситни третата декада од своето работење и има одгледано неколку генерации на музички потковани, некогаш деца а сега веќе возрасни луѓе.