Добредојдовте во Нашите блогови!

Зошто да се учи музички инструмент
уште од најрана возраст?

Во светот постојат бројни истражувања за улогата на музиката во детскиот развој, кои укажуваат на исклучителното влијание што таа го има врз децата. Свирењето инструмент директно влијае на развојот на моториката и концентрацијата. Многу често среќаваме дечиња од 8 годишна возраст кои тешко се справуваат со прецизни движења на прстињата. На свирењето инструмент му претходат бројни игри за будење на фината моторика. Потоа тие вежби продолжуваат на инструментот во обид да се совладаат соодветни вештини преку создавање култивирани звуци. Концентрацијата пак е еден од најчестите елементи на кои треба да обрнуваме доста внимание. За никој од нас не е тајна како нашите најмлади го поминуваат слободното време. Искуството покажува дека денешните деца тешко можат да го задржат вниманието на една активност подолго време. Преку свирењето инструмент создаваме исклучителна навика на градење и развивање концентрација за процесот.

Професор по виолина

Марина Чадо

Трасираме пат до успех

Violeta Stefanovska- Shukovikj

Во процесот на надминување на тешкотиите, предизвиците и бариерите во животот лежи чувството на среќа и успех кај секој човек. Таа упорност и истрајност да се надмине одредена тешкотија се учи уште од мали нозе, а е многу видлива во изучувањето на вештината да се свири било кој инструмент.

Како долгогодишен педагог по пијано, се соочувам со предизвикот да му покажам на едно дете дека не постои ништо што не може да се совлада со доволно труд и истрајност. Вообичаено, при првата бариера во свирењето, поголем број од децата велат „не можам“. Големината на добриот педагог е да најде начин да му покаже на детето дека МОЖЕ – секој пат и без исклучок со малку повеќе труд и упорност. Најголем подарок за мене е кога ќе видам широка насмевка на лицето кај детето во моментот кога ќе сфати дека може да одлучи, совлада и отсвири нешто што малку пред тоа било тешко и проблематично. На тој начин секое дете кое свири на инструмент го подучуваме и за животот и постепено го трасираме неговиот пат до успехот.

Затоа упатувам порака до родителите – кога ќе слушнете од мало дете „Не сакам веќе да свирам“, а до вчера било ентузијастично за инструментот што го изучува, знајте дека наишло на бариера која треба да се надмине со здружени сили помеѓу вас и наставникот. Не „го купувајте тоа „не сакам веќе“ и не му ,,помагајте” со тоа што ќе му дозволите да се откаже. Помогнете му да надмине, да стане појака личност и да истрае зашто единствено така ќе има можност да стане успешен и задоволен човек.

Професор по пијано

Виолета Стефановска Шуковиќ

Плодови од нашето долгогодишно
инвестирање во квалитет

Пијано Форте неодамна беше домаќин на настан – семинар по виолина, воден од талентираниот Александар Војнески студент по виолина на престижната академија за музика во Љубљана. Впрочем Александар е наш поранешен ученик кој сега имаше можност своето  стекнато знаење да го сподели со младите ученици што изучуваат виолина во Пијано Форте. На огромно задоволство на организаторите можеше да се забележи висока мотивираност и заинтересираност на учесниците, особено поради фактот дека семинарот го држеше доскорешен ученик на нивното омилено училиште. 

“За мене наставниот час беше ново искуство, во сфера во која би сакал да се усовршувам. Можноста да го пренесам до степен до кој сум го научил и да го прилагодам за секој ученик посебно, беше навистина важна за мене. Ова е само почеток, па се надевам дека во иднина ќе имам повеќе можности да го пренесам стекнатото знаење и да придонесам за едукација на младите виолинисти”, изјави Александар по завршувањето на семинарот.

Уште еднаш се потврдува тезата дека успехот е тимска работа и дека победата на еден поединец носи бенефит и кај останатите членови на тимот.

Александар Војнески

 

Свирењето инструмент, состојка за изградба
на карактерот и самодовербата

Терминот „апсолутно“ изворно доаѓа од Латинскиот absolutus, што знаши ослободен, без ограничувања. Во праксата на музичко образование може да го употребиме кога ќе видиме човек кој минал повеќе етапи на музичка наобразба и се стекнал со способност за самостојно музицирње. Оваа ослободеност за изразување преку музика всушност станува дел од личниот простор на поединецот. Кога велиме личен простор, мислиме на атмосферата, квалитетот или амбиентот што го опкружува тој човек. А способноста да се задржи личниот простор во сите околности е прашање на интегритет.

Како родител на дете што изучува инструмент и многу настапува, имам согледано дека таа преку своето владеење на делата што ги изведува, всушност поседува личен простор со интегритет кој е независен од околината и од околностите. Поточно, стекнатото знаење и умешност и овозможуваат да остане „своја“ пред било која и било каква публика.

Во нашиот случај, се испостави дека музичкото образование не е само стекнување вештина да се свири инструмент, туку состојка за изградба на карактерот и самодовербата.

Родител

Како да се избере вистинска активност

Живееме во време кога секојдневно добиваме огромен број информации од најразличен карактер од кои за жал, повеќето немаат никаква важност, ниту пак ни го подобруваат животот на некој начин. Во ова море од податоци често пати и не го знаеме изворот на податокот и со самото тоа и не знаеме дали одреден податок е точен или не. За жал, сите сме ефект на оваа ситуација и сите овие информации ни предизвикуваат конфузија, но најмногу афектирани се младите родители и децата. Кај младите родители се пројавува тренд-(се разбира сакајќи да направат најдобро за своите деца) да ги водат на разни активности, мислејќи дека ако децата пробаат повеќе работи, ќе го пронајдат својот талент или природен афинитет.

Работејќи со деца, секојдневно го гледам резултатот од овој тренд. Децата се преуморни, збунети, дисперзирани и со недостаток на внимание. Децата го знаат својот афинитет и многу често го покажуваат, но родителите треба внимателно да набљудуваат. Дете кое сака музика често ќе потпевнува, ќе сака да слуша музика и ќе танцува. Таквото дете треба да учи да свири на инструмент. Но, ако детето е преоптоварено со вишок активности, ќе стане збунето и ќе почне да покажува неволност за било што.

Набљудувајте ги вашите деца и ќе знаете каде да ги насочите за да бидат среќни и успешни.

 

Професор по пијано

Виолета Стефановска Шуковиќ .

Музиката како алатка за развојот на
логично размислување кај најмладите.

Професор по виолина

Музиката влијае на логичното размислување. Едно музичко дело е како математички проблем на  кој треба да му се пријде со логичен пристап. Во изучувањето на нова композиција секогаш треба да се знае со кој чекор треба да се започне процесот и кој е чекорот што следи. Без систематично и континуирано вежбање на зададената композиција, не може да се достигне перфекција. Притоа, постојано се присутни размислувањето и анализирањето. Еден професионален пијанист кога започнува со процесот на изучување нова композиција, однапред ги знае сите потребни чекори кои логично се надоврзуваат еден на друг. Музиката самата по себе е логика и е извонредна алатка за развојот на логичното размислување кај најмладите.

Професор по виолина

Марина Чадо

И талентираните луѓе имаат права

Некои луѓе едноставно се раѓаат со предумисла (не грижете се, не мислиме на термин од кривичното право😀). Се мисли на оние луѓе кои што уште во колевката, тазе родени, знаат каде тргнале. И со ликот и со плачот и со движењето ви велат “Јас сум учител”, “Јас сум математичар”, “Јас сум музичар”. Ако ги оставите слободно да го манифестираат својот став, голема е веројатноста дека ќе појдат по тој пат. И неколкумина од нив, не сите, по одредена низа години ќе ги видите како даваат интервју велејќи “Па отсекогаш сум знаел/а дека сакам да бидам…” (што и да е тоа).
Е сега, за овие неколкумина кои “од прва” го направиле изборот и си го изоделе патот до успехот, мисијата е остварена. Но оние другите кои загубиле здив некаде по патот поттикнуваат љуботпиност, ако никаде на друго место барем кај нивните родители и блиски пријатели. Најчестите дилеми се „Ама зошто?“, „Каков талент, а сега вака“ и слично. Ако проанализираме подлабоко можеби и ќе дојдеме до можниот одговор за причината за нивното откажување од сонот. Всушност, постојат студии за луѓе што избрале специфична професија, како што е музиката, но кои пред да го искористат целиот свој потенцијал “попуштиле” и ја напуштиле играта. Кај сите нив заеднички содржател  е ставот „Јас веќе тоа го знам и не знам зошто некој би ме подучувал на тоа“. Овој став произведува повеќе појави но главната е таканареченото поништување на вољата да се продолжи понатаму. Луѓето со овој став самите себеси се попречуваат во насока на напредок бидејќи кај нив интересот за проучување одредена тема речиси и исчезнува оти „нели веќе го знаат тоа“. И кое би било решението тука? Всушност самиот проблем го сугерира решението. Од продолжувањето со конкретната активност, човек го дели само неговата лична одлука да го смени претходниот став со нов  од типот „Па можеби има нешто барем малку да се научи овде“. Под претпоставка дека ќе ја надминат оваа препрека, тие ќе можат послободно да истражуваат и играат со својот талент.
Меѓутоа, ова не значи крај на предизвиците. Ќе следат и поинакви „сопки“. На пример, во обновениот полет и ентузијазам без двоумење многумина ќе се обидат да се натоварат со повеќе од материјалот што го изучуваат. Можеби некои од нив и ќе успеат да се изборат со тој потфат, но повеќето ќе се најдат заглавени, поточно ќе имаат чувство дека се вртат во круг и не можат да пробијат до следното ниво. Во ваквите случаи, ако нивните ментори се внимателни би требало без потешкотија да лоцираат дека нивниот ученик/студент/кандидат земал поголем залак без да ги искачи постепено сите скалила во процесот. И повторно, именувањето на проблемот го дава и одговорот за надминување на ситуацијата.
Освен овој предизвик, се разбира дека постојат и други изненадувања на патот, но „кралот“ на сите предизвици е тој за кој најчесто не сме ни свесни дека ни се случил. Истиот тој е веројатно главниот виновник за конечно откажување од активноста за која одреден човек сметал дека му е животна определба. Верувале или не, тоа е феноменот на „неразбран збор или симбол“. И тука не се мисли само на очигледно нејасни термини (на пример ако јас сум правник а читам медицинска енциколпедија, се рабира дека ќе ги препознаам термините што не ги разбирам). Во изучувањето музика постојат многу термини и симболи што треба да се разјаснат во процесот на учење и работа. Но што ако проблемот го прави некој сосема општ збор кој „па и врапчињата го знаат“. Што ако тој кој што загазил во свирењето некој инструмент оти тоа најмногу го сака, уште на почетокот не го дефинирал или пак менторот не му го објаснил значењето на самиот збор „музика“ или зборот „звук“ или зборот „инструмент“? Интересно и на моменти неверојатно, но реакциите што може да ги предизвика еден неразбран збор се и ментални и физиолошки. Тие се движат од чувство на „отсутност“ (на-час-сум-но-со-паметот-сум-на-плажа), зевање, неконтролирано смеење или нервоза, чувство на празнина и глупавост. А финалниот феномен откако ќе се испуштат одреден број на неразјаснети термини и симболи е комплетно напуштање на активноста со ставање етикета (невозможна-да-се-научи). Ќе речете „многу објаснување, за така мала работа“. Можеби е така, но што ако поради „така мала работа“ квалитетни луѓе не’ лишуваат од нивниот талент, способност и продукција? Па ако „лекот е пет пари, само треба да го најдеш“ (според народната изрека), овој текст е напишан со надеж дека тие „пет пари“ се веќе платени и лекот е тука.
Е сега, претходните примери се однесуваат на оние родени со идеја дека се, да речеме, музичари. Но што е со сите останати, кои не се свесни каков потенцијал носат во себе? Денешницава што ја живееме ни има сервирано огромна шведска маса на теми и активности поврзани со тие теми. Но дилемата што доаѓа со тоа е што од таа понуда е баш за нас. Модерните тренери за личен развој и светлечките цитати на социјалните мрежи не советуваат да го правиме тоа што не прави среќни. А за воопшто стигнете до моментот на среќа, веројатно ќе треба да пробате повеќе залчиња од понудата, да го почувствувате вкусот и аромата и сами да донесете заклучок што е за вас вистинското нешто и оттаму само ќе ви кажеме „Со среќа!“

Анонимен

И талентираните луѓе имаат права
И талентираните луѓе имаат права
taletend-people

Сезона на натпревари за „Пијанофорте“
какво е значењето на освоената награда?

д-р Тереза Крцоска

Во „Пијанофорте“пролетните месеци се најзабавниот и најуспешниот период од целата учебна година. Одделот по пијано работи неуморно. Се одржуваат дополнителни часови, проби, преслушувања, мини семинари и безброј настапи. Разултатот од оваа атмосфера, на големо задоволство и на професорите и на учениците, се многубројните први и високи втори награди на меѓународни и високо реномирани натпревари.

Атмосферата на натпревари ќе потрае уште некое време, овој пат кај виолинистите и кај учениците од одделот за популарни жанрови, жаргонски кажано „бендовите“!

Е сега, тука се поставува прашањето за значењето на натпреварите. Дали натпреварувањето е дел од музичкиот развој, или тоа ја претставува самата цел?

Изучувањето музички инструмент е долготраен процес кој минува низ повеќе етапи на патот до поставената долгорочна цел. Во текот на наставата секој ученик со помош и водство на  наставникот по инструмент се соочува со технички и интерпретациски проблеми кои се решаваат заеднички на час, а се утврдуваат преку дисциплинирано „домашно вежбање“.

И што е она што следи кога ќе се совлада едно дело? Логичниот одговор е излегување од училницата за индивидуална настава и споделување на музиката со општеството.

Дел од програмата на „Пијанофорте“е развивањете на социјалните особини на учениците. Притоа се организираат активности во форма на летни кампови, оркестарски работилници, добротворни настапи, јавни часови, концерти, настапи со ученици по музика од други земји, и секако, учество на натпревари.

Сите овие активности од учесниците бараат специфични особини и задачи. Натпреварот во својата суштина има најмногу барања. Еден учесник на натпревар по музика се карактеризира со трпение, издржливост, верба и посветеност. Со растењето на детето, растат и очекувањата за напредок во техниката, во материјалот што го свири и во стилот на изведба.

А што всушност се случува на натпреварите по музика? Како пример ќе ја разгледаме најпопуларната форма – Меѓународен фестивал со натпреварувачки карактер. Најчесто, тоа се фестивали од отворен тип каде што на учесниците им се нуди можност да настапат во натпреварувачки или во ревијален дел. Во рамките на фестивалите може да има и семинар за одреден инструмент. Се доделуваат награди во форма на рангирање на изведбата, но има и посебни награди за одреден композитор, домашен автор или за нешто друго актуелно во таа конкретна календарска година. Советите и коментарите од жири-комисијата се од непроценливо значење за изведувачот-ученик, но и за педагогот! Сето ова му дава дополнителна едукативна нота на фестивалот.

Често пати, на истите фестивали во континуитет од повеќе години учествуваат истите деца-ученици од различни градови и држави што е одлична можност за следење на динамиката на напредок како и извор на информации и инспирација за новите очекувања во иднина.

Исто така, преку учество на натпревар се додава поголема тежина на музичката биографија, се гради мрежа на идни соработници, се стекнува подобар увид во актуелните музички текови преку следење на репертоарот, се анализираат и вреднуваат различни видови на изведба, а тука е и можноста за добивање награда.

 

Се случува еден ученик да учествува на неколку натпревари во сезоната, честопати со истата музичка програма. Ова пак овозможува тој да согледа дека една иста композиција не ја отсвирува идентично како на претходниот настап! Градењето и доградувањето на настапот остава силен печат кај ученикот. Тој ја разбира суштината на темелна работа, дознава дека иако нешто на прв поглед може да изгледа научено и завршено, истото тоа може да се надополнува и усовршува.

Постојат ученици кои на натпреварите гледаат како на одлична мотивациска алатка која ја засилува дозата на дисциплина, соработката со својот наставник – ментор како и визијата каде тие сакаат да стигнат во својот однос кон музиката. Сето ова станува дел од нивниот животен мозаик без оглед дали тие во иднина општествено ќе се позиционираат како музичари или не. Она што секако ќе се добие како резултат на претходно опишаните процеси е развиена, општествено одговорна, високо интелектуална и креативна личност.

Професор по виолина, оркестар и ран музички развој

д-р Тереза Крцоска

Придружете ни се!

Прегледајте ги сите достапни музички пакети